Германија тргнува по нов курс, со јаглен наместо гас
Русија и понатаму продолжува со намалена испорака на гас, па германската влада подолго време ќе се потпира на електраните на јаглен.
„Турбината е тука и може да биде испорачана. Само треба некој да каже сакам да ја добијам и сѐ ќе оди брзо“ порача канцеларот Олаф Шолц.
Според рускиот претседател Владимир Путин причината за тоа е турбината која недостасува во системот, додека за германската влада намалената испорака е политички мотивирана.
„Нема никаква пречка да се испорача турбината за гас во Русија. Само руските претставници треба да кажат дека ја сакаат турбината и да ги дадат потребните податоци за царински транспорт кон Русија“ – рече канцеларот Шолц нагласувајќи дека Газпром во секое време може непречено да си ја врши испораката кон Европа.
Шолц зборува дека е ова „итна мерка со ограничен временски рок која не смее да ги наруши климатските цели“. Германија се обврза најдоцна до 2038 година да ги затвори електраните на јаглен.
„Она што не смее да ни се случи е да западнеме во глобална ренесанса за енергија од фосилни горива и особено од јаглен“ – предупреди германскиот канцелар.
Побарувачката за јаглен во Германија од септември значително ќе се зголеми, проценува Здружението на увозници на јаглен, ВДКи со седиште во Берлин. 50% од јагленот досега се увезуваше од Русија, но тоа наскоро нема да биде можно.
ЕУ воведе санкции на 9 април со кои се забранува купување и увоз на јаглен и нафта од Русија.
Германските увозници на јаглен имаат доволно добавувачи од Јужна Африка, Австралија, САД, Колумбија и Индонезија, велат познавачите на приликите.
На почетокот на 2021 еден тон јаглен на светскиот пазар се продаваше за 64 американски долари. Актуелно цената се движи кон 400 долари. Во светот минатата година биле ископани околу 7,4 милијарди тони јаглен, речиси половината од нив во Кина. Најголемиот дел си го трошат самите земји произведувачи, а само една милијарда тони се тргува на пазарот.