Германија денеска ги прими првите директни испораки на гас од гасоводната врска со Франција, според договорот кој има за цел да им помогне на двете земји да се справат со тековните проблеми со снабдувањето со енергија, соопшти францускиот мрежен оператор ГРТгаз, јави Ројтерс.
Според договорот постигнат од двете најголеми земји во еврозоната по руската инвазија на Украина, Германија, пак, вети дека ќе ѝ обезбеди на Франција дополнителна електрична енергија доколку е потребно. Францускиот мрежен оператор ГРТгаз соопшти дека максималниот капацитет на новата гасна врска е 100 гигават часови, а дека Франција најпрво ќе испорачува 31 гигават час дневно за Германија.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек ја поздрави веста, порачувајќи дека ова е важен знак за европската солидарност.
„Тоа покажува дека во дух на солидарност може да се решат дури и тешки технички прашања“, рече Хабек.
Во меѓувреме, од резиденцијата на францускиот претседател Емануел Макрон го оценија како бесмислен предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за испорака на руски гас во ЕУ преку Турција.
„Нема смисла да се создаде нова инфраструктура која ќе ни овозможи да увезуваме повеќе руски гас“, објави Елисејската палата, посочувајќи оти Европејците сакаат да ја намалат зависноста од гасот од Русија.
Претходно денеска, за време на средбата со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во Казахстан, Путин предложи создавање гасен центар во Турција за испорака на руски гас во Европа, истакнувајќи дека рутата низ Турција се покажала како најсигурен начин за снабдување со гас на Европската Унија.