
Германија планира да ја забрза интеграцијата на барателите на азил на пазарот на трудот
Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт за неделното издание на весникот „Билд“ изјави дека планира со нов план да ја забрза интеграцијата на барателите на азил на пазарот на трудот, објави ДПА.
Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт за неделното издание на весникот „Билд“ изјави дека планира со нов план да ја забрза интеграцијата на барателите на азил на пазарот на трудот, објави ДПА.
На луѓето што доаѓаат тука треба да им се даде можност да работат, и тоа брзо, рече тој, истакнувајќи дека најдобрата форма на интеграција е работната средина. Според планот, на барателите на азил би можело да им се дозволи да работат по три месеци во Германија, дури и ако процесот на барање за азил не е завршен. Учеството би било доброволно, без обврска за започнување работа.
Портпаролката на Добринт изјави дека новите правила нема да влијаат на постапката или исходот од барањата за азил. Дали барателот на азил работи или не, нема да влијае на процедурата, која ќе се одвива независно. Планот експлицитно ги исклучува оние чии барања се одбиени и кои не соработуваат во процесот со криење на својот идентитет или давање лажни информации.
Според Федералната агенција за вработување, во моментов можат да добијат дозвола за почеток на работа барателите на азил ако законски престојуваат во Германија три месеци. Сепак, оние кои треба да останат во прифатните центри не можат да бидат вработени, што може да го продолжи периодот на чекање на шест месеци. Барателите на азил од таканаречените безбедни земји на потекло треба да останат во прифатните центри во текот на целата постапка.