Огромното мнозинство претставници во германскиот парламент, Бундестагот, се за продолжување на двете мисии на Бундесверот на Балканот.
Покрај владејачката „семафор коалиција“ (СПД, Зелените и Либералите), опозициските демохристијански партии ЦДУ и ЦСУ, исто така, дадоа поддршка на предлогот на германската влада за продолжување на мандатот на мисијата на КФОР во Косово во средата (5-ти јуни) во првото читање.
„Потребен ни е КФОР способен да дејствува за да го намали тековниот потенцијал за конфликти и ескалација на северот на Косово и на границата со Србија“, изјави претставникот на Демохристијаните во Бундестагот задолжен за одбранбена политика, Флоријан Хан (ЦСУ).
Продолжувањето на учеството на Германија во ЕУ мисијата ЕУФОР Алтеа во Босна и Херцеговина беше одобрено дури и од претставници на Алтернатива за Германија (АфД).
Конечната одлука за предлогот на германската влада за продолжување на двата мандата треба да биде донесена следната недела, пишува ДВ.
„Западен Балкан е нашето непосредно соседство. Одржувањето на мирот во тој регион е затоа наша одговорност“, нагласи државниот секретар за одбрана Сиемтје Молер (СПД).
Во владиниот предлог се наведува дека основата за мисијата на КФОР „сеуште е Резолуцијата 1244 (1999) на Советот за безбедност на Обединетите нации“ и се нагласува дека „и Косово и Србија секогаш јасно кажувале дека сакаат континуирано присуство на КФОР“.
Мисијата на НАТО на Косово, која трае веќе 25 години, е најдолгиот ангажман на германската армија (Бундесвер) во странство.
Максималниот број на припадници на германските единици за брза акција ќе остане на 400. Меѓународните сили на КФОР имаат за цел да обезбедат воспоставување мир и јавен ред на Косово. Меѓутоа, во последно време повторно се зголемија тензиите со соседна Србија.
Мисијата на Европската унија Алтеа, во која Бундесверот учествува со најмногу 50 војници, има за цел да обезбеди усогласеност со Дејтонскиот мировен договор со кој заврши војната во Босна и Херцеговина во 1995 година. А таа земја, според Берлин, се уште се смета за можен извор на конфликт.