
Германија и Шведска формираат коалиција: На удар танкерите што шверцуваат руска нафта
За шверц на нафта до трети пазари преку европските мориња, Русија ја користи таканаречената „флота во сенка“, т.е. танкери кои немаат државни ознаки, поради што е формирана шведско-германската поморска коалиција за зголемена контрола на Балтичкото Море.
За шверц на нафта до трети пазари преку европските мориња, Русија ја користи таканаречената „флота во сенка“, т.е. танкери кои немаат државни ознаки, поради што е формирана шведско-германската поморска коалиција за зголемена контрола на Балтичкото Море.
Официјално, од 1 јули, Германија лансира нов механизам за регулирање на поморскиот транспорт преку Балтичкото Море во соработка со Шведска. Според германскиот план, напорите ќе бидат насочени кон бродови во близина на Фемарн, германски остров кој е клучен за бродската рута.
Според германскиот министер за надворешни работи Јохан Ваденфул, планот е да се изврши притисок врз „флотата во сенка“, но не на начинот на кој го направија тоа во Естонија и Финска со запирање на бродовите.
„Нашата цел е многу јасна: Ќе го зголемиме притисокот врз руската тајна флота и ќе го заштитиме живеалиштето на Балтичкото Море“, рече германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
Во јануари 2025 година, Германија презеде подиректни мерки со задржување на танкерот „Евентин“, кој пловеше под знамето на Панама. Истрагата и инспекцијата на документацијата на танкерот открија дека тој бил користен како дел од руската флота за шверц на нафта.
Германскиот министер за одбрана во понеделник изјави дека земјата ќе ги испрати своите поморски сили во арктичките води поради растечкото присуство на руската флота во регионот.
„Поморските закани растат, да наброиме само неколку, како што е силната милитаризација на Арктикот од страна на Русија. Забележуваме зголемена активност на руските подморници што дејствуваат во таа област“, рече министерот за одбрана Борис Писториус.
Од друга страна, Русија наведува дека ќе ја зајакне заштитата на своите бродови од трговската флота, поради што руските танкери се сè повеќе придружувани од бродови на Балтичката флота на Руската морнарица.