Васил Терзиев од коалицијата Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија е новиот градоначалник на Софија, откако на вчерашните избори ја победи Вања Григорова од Бугарската социјалистичка партија. Врз основа на обработените 99,78 отсто од гласовите на изборната комисија, Терзиев води со 48,17 отсто добиени гласови, додека Григорова освоите 46,92 отсто од гласовите.
На вчерашните локални избори партијата ГЕРБ на Бојко Борисов се чини дека е најголемиот губитник, бидејќи досега имаше доминација кај градоначалничките места. Во Варна Благомир Коцев од коалицијата Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија го победи досегашниот градоначалник од ГЕРБ, Благомир Коцев. Во Русе победата ја однесе Пенчо Милков од Бугарската социјалистичка партија над Иван Иванов од ГЕРБ.
Борисов може да е задоволен од изборот на неговиот кандидат за Пловдив, Костадин Димитров, кој го победи Ивајло Старибратов од коалицијата Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија. Во Велико Трново победи кандидатот од ГЕРБ, Јордан Терзиски, додека во Шумен Христо Христов од Бугарската социјалистичка партија.
Шаренолика е сликата како исход од вчерашните избори во Бугарија, а во многу места освоија градоначалници од независните листи или од помалите партии. Пример е Ќустендил, каде градоначалник стана Огнен Атанасов од Партијата на зелените.
Неизвесниот финиш и тесната разлика во гласовите во Софија покажуваат дека сепак симпатизерите на ГЕРБ гласале за Вања Григорова, наместо за победникот Васил Терзиев. Токму ГЕРБ и коалицијата Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија се дел од актуелната влада, но меѓусебното истребување на кандидатите на изборите наместо заеднички листи водат кон криза во владината коалиција.
Бојко Борисов од ГЕРБ уште синоќа обвини дека Промените продолжуваат-Демократска Бугарија во вториот круг имале коалиција со проруските партии „Преродба“ и Бугарската социјалистичка партија и поради тоа се случиле изборни порази на неговата партија во неколку града.
Борисов по изборниот ден рече дека во среда ќе ја собере неговата партија ГЕРБ и ќе одлучи како ќе функционираат понатаму во однос на учеството во бугарската влада. Тој вчера не беше категоричен оти ќе ја напушти владејачката коалиција. Но, се закани дека ќе ги информира западните партнери за коалицијата меѓу Промените продолжуваат и „Преродба“ и дека нема да дозволи понатаму да има лицемерие.
Се чини дека најголем губитник на вчерашните избори е Бугарската социјалистичка партија. Нејзината лидерка Корнелија Нинова рече дека партијата освоила 72 градоначалници низ цела Бугарија, што е подобрување на резултатот во однос на претходните избори. Нинова додаде дека најголемиот губитник на изборите е ГЕРБ, додавајќи дека почнува да се остварува нивната цел да се загради моделот на владеење на Бојко Борисов.