Герасимовски убеден дека ќе победи во Центар

Актуелниот градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, е убеден дека по втор пат ќе ја добие довербата на центарци, заради сработеното но и многуте планови од интерес на граѓаните.

Актуелниот градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, е убеден дека по втор пат ќе ја добие довербата на центарци, заради сработеното но и многуте планови од интерес на граѓаните.

На работната средба со новинарите, Герасимовски посочи дека во изминатиот период општината, раководена од него, работеше и работи транспарентно и отворено, и секогаш е достапна за граѓаните.

„Советот на општината и јас како градоначалник, сме пример за работење на локална самоуправа на територија на државата, ние сме меѓу малкуте општини каде што Претседателот на советот доаѓа од друга политичка партија и одлично функционира изминатите три ипол години. Се прифаќаат предлози од сите советнички групи, без разлика на нивната политичка партија. Тоа што е издржано, тоа што е во интерес на граѓаните и за тоа што имаат финансиска поддршка, секогаш се прифаќа и од моја страна и од страна на советниците”, рече Герасимовски, нагласувајќи дека политиката е комплетно тргната настрана од работењето на општината.

Според него, сработеното од него и од неговиот тим, дава право да се кандидира како градоначалник за втор мандат и секако да се добие локалната изборна трка.

Градоначалникот Герасимовски смета дека недозволиво е администрацијата на Општина Центар да работи во лоши услови, како сега, но неговите планови да аплицира за нова административна зграда за парите од кредитот што Владата го намени за локалната самоуправа не можеше да го оствари. Имено, тој вели дека само за проект потребни се 400.000 евра што за општината е прескапо, па затоа не аплицирал со тој проект на двата повици од Владата.

„Недозволиво е во Центар администрацијата да работи во вакви лоши услови како сега“, рече на средбата со новинарите градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Тој додаде дека конечно на повидок е решавање на овој децениски проблем. Општината го доби земјиштето во владение, на конкурсот имаше одлични идејни решенија, а сега на ред е изготвување проект, со кој ќе се аплицира на јавните повици на Владата во иднина.

„Особено внимание ќе посветиме на зеленилото, кое се наоѓа во парцелата на општината. До крајот на мандатот сакам да го реализираме проектот, за да бидеме подготвени да аплицираме за подземно паркирање и да ги искористиме средствата. Следниот мој мандат почнуваме со реализирање на проектот – нова општинска зграда”, рече градоначалникот Герасимовски.

Герасимовски планира општинската зграда да не биде повисока од околните згради, не повеќе од четири до пет ката. Новата општинска зграда ќе има доволно место за подземен паркинг, сала на Советот, а и невладините ќе добијат катче за работа.