
Герасимовски поставува апарати за мерење бучава
Имплементацијата на паметен систем за следење на бучавата, веќе е започнат и веќе се поставени повеќе од половината предвидени уреди. Новиот систем овозможува континуирано мерење на бучавата во реално време и алармирање секогаш кога ќе се надмине дозволеното ниво.
Околу угостителски објекти, високо фреквентни улици и на јавни простори, односно онаму каде има најмногу поплаки од граѓаните во Центар, Општината ќе постави дигитални апарати за мерење на бучавата.
Имплементацијата на паметен систем за следење на бучавата, веќе е започнат и веќе се поставени повеќе од половината предвидени уреди. Новиот систем овозможува континуирано мерење на бучавата во реално време и алармирање секогаш кога ќе се надмине дозволеното ниво.
Во програмата јасно ветивме дека ќе воспоставиме смарт систем за мерење на бучавата. На терен веќе е започнато поставување на мерните единици на 30 локации низ Општина Центар. Овие сензори континуирано ќе ја следат бучавата и ќе алармираат секогаш кога ќе биде над дозволеното ниво. Со ова прецизно ги мапираме најгорливите точки, а истовремено ќе обезбедиме материјал на нашите инспекциски служби за постапување – вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Досега се поставени 19 уреди на повеќе точки во Дебар Маало, на улиците Орце Николов, Мирослав Крлежа и Отон Жупанчиќ, како и на локациите Боемска 1 и Боемска 2. До крајот на годината ќе бидат поставени дополнителни уреди на улицата Ленинова, во населбите Капиштец и Буњаковец, потоа на Кеј 13 Ноември, кај Старата железничка станица и на Кале. Со ова ќе се прошири мрежата и ќе се покријат уште повеќе критични зони погодени од прекумерна бучава.
Од Општината велат дека ова е само почетна фаза на големиот проект кој ќе продолжи со дополнително поставување мерни уреди и унапредување на системот за следење на децибелите. Проектот се базира на современ софтвер кој обезбедува точни податоци и реално следење на состојбата, со крајна цел намалување на бучавата и подобрување на квалитетот на живеење.