Долгогодишниот судски процес што започна пред 10 години и поради кој општината треба да плати 72.800.000,00 денари на име оштета на Пелагонија АД Гостивар, денеска е тема на денешната седница на советот на Општина Центар.
Советниците одлучија со ребаланс да се зголеми Буџетот за 72.800.000,00 денари, средства планирани за обештетување на тужителот Друштвото за градежништво, производство и инженеринг Пелагонија АД Гостивар, по последната пресуда на Апелациониот суд, пристигната во јуни.
Дополнително, покрај основниот долг, Општината треба да исплати и камати, со што севкупниот долг ќе се дуплира.
Се работи за правосилна извршна пресуда што може да биде предмет на присилно извршување пред надлежен извршител.
Општината се соочи со блокирање на сметката за истиот предмет уште во 2018 година, овојпат вели градоначалникот Герасимовски нема да дозволам тоа да се случи:
„Револтиран сум што после маратонските судски процеси, сето ова заврши на штета на центарци. Тековните проекти што ги спроведува општината не смеат да бидат запрени ниту смее да има застој во работата и услугите што ги даваме на граѓаните. Нема да дозволам сметката на општината да биде блокирана. Мораме до крај да ги спроведеме започнатите проекти како градинката во Пролет, модернизацијата на уличното осветлување, доградбата на Коле Неделковски, реконструкцијата на улиците“, истакна Герасимовски.
Целиот судски процес датира од раскинување на Договорот за изградба на објект-катна гаража на ул. Мито Хаџивасилев Јасмин бб од 2013 година. Договорот е раскинат во 2014 година, од причини што тогашното раководство на Општина Центар утврдило дека не е потребно изградба на катна гаража туку парите се пренаменети за изградба на училиштето Киро Глигоров.
По повеќегодишни судски жалби и пресуди, Апелациониот суд со последната пресуда правосилно ја задолжи Општина Центар да изврши исплата на овие средства. Општина Центар минатата недела поднесе ревизија до Врховниот Суд.
Имајќи во предвид дека постои можност за судска разрешница која ќе биде неповолна за општина Центар, Градоначалникот Горан Герасимовски ги превзема сите активности со цел Буџетот на општината да не биде блокиран, а од друга страна и покрај огромниот износ кој треба да се исплати да не бидат запрени проектите кои се однесуваат на подобрување на животот и секојдневното функционирање на граѓаните на Општина Центар.