
Герасимовски најавува мерачи за бучава на 30 локации
Ако можеме уште од оваа недела да се поставуваат на 30 локации, да видиме кои ни се оние ударни локации каде што граѓаните најмногу се жалат за бучава во ноќните часови. Според бројот на пријави и поплаки од жителите и таму да се постават, смета Герасимовски.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со раководителите на сектори дискутирал за проектите што е предвидено да се реализираат во наредните четири години. Тој најави дека, во месец ноември ќе се одржат буџетските форуми каде што граѓаните се добредојдени да дадат што поголем број на идеи и предлози за развој на општината, информираа утрово од кабинетот на Герасимовски.
– Буџетските форуми поминаа искрено одлично со голема посетеност, но и заинтересираност од страна на жителите. Ноември месец се токму за нив. Добредојдени се граѓаните да ни дадат што поголем број на предлози и идеи за да ги ставиме во новата програма и ги преточиме во буџетот, се наведува во пишаната изјава на Герасимовски.
Како што информира градоначалникот, завршена била постапката за уредите за мерење бучава.
– Предлагам истите да почнат што поскоро да се поставуваат. Ако можеме уште од оваа недела да се поставуваат на 30 локации, да видиме кои ни се оние ударни локации каде што граѓаните најмногу се жалат за бучава во ноќните часови. Според бројот на пријави и поплаки од жителите и таму да се постават, смета Герасимовски.
На состанокот со вработените во Општината, се разговарало и за хортикултурното и партерно уредување на плочникот кај Зелен пазар.
– Тој потенцираше дека на оваа локација, улица нема да има, туку ќе се реконструира кошаркарското и детското игралиште, ќе има ново зеленило. Герасимовски изјави дека ветувањето е дека до месец мај мора да се заврши, пишува во соопштението.
Во однос на хигиената, Герасимовски кажал дека хигиеничарите се секојдневно на терен и ќе преземат сè што треба за да нема смет по улиците.
– Гледаме дека градот почна, односно има ветувања дека ќе почне со расчистување на сметот, но, ние нема да го чекаме градот, како и досега си продолжуваме. И од сабајле – и ги слушаме и ги гледаме нашите хигиеничари. Имавме доста проблеми викендов што не се чистеа подземните контејнери, па работеа и сабота и недела, но Центар мора да биде чист, нема да го чекаме градот, туку сами ќе си преземаме сè што треба за да немаме смет по улиците, додава Герасимовски во соопштението.