Герасимовски: Го разбирам револтот на Костадинов, но одлуката за напуштање на ЗЕЛС е избрзана

Градоначаникот на Центар смета дека треба да седнат, да направат координација и да се продискутира како сите градоначалници од опозицијата треба понатаму да делуваат по ова прашање.

Општина Струмица изминатиот период се соочува со одредени притисоци и можни политички влијанија, но сметам дека одлуката на градоначалникот Костадин Костадинов за напуштање на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) е избрзана, рече денеска во гостување на Канал 77, градоначланикот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Посочи дека изминатите месеци Струмица се соочува со притисоци од власта, почнувајќи од водата, но и поради одбивањето на проектите со кои имаат аплицирано, за што верува дека ќе се најде решение по ова прашање.

„Има одреден револт кај мојот колега, градоначаникот Костадинов, но сметам дека одлуката за напуштање на ЗЕЛС е избрзана“, рече тој.

Посочи дека треба да седнат, да направат координација и да се продискутира како сите градоначалници од опозицијата треба понатаму да делуваат.

„Имам разговарано лично со него, понудивме помош, но очекувам следната недела да седнеме и да се координираме“, вели Герасимовски.