Георгиев: Успеавме да спречиме ЕП да биде искористен за домашната политичка пропаганда на Мицкоски

Според шефот на бугарската дипломатија, властите во С. Македонија го довеле Европскиот парламент во исклучително непријатна и незавидна позиција да бара изговори, но како што додава, Бугарија не треба да се заблагодарува или да се радува на исходот, бидејќи Софија ја поддржува земјава на нејзиниот пат кон европската интеграција.

Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев вели дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за С Македонија во Европскиот парламент (ЕП) Софија успеала да спречи ЕП да биде искористен за домашна политичка пропаганда на премиерот на земјава Христијан Мицкоски.

Нарекувајќи го „северномакедонски премиер“, Георгиев во денешното гостување во утринската програма на БТВ, изјави дека Мицкоски очигледно не бил воодушевен од развојот на настаните во неговата земја и почнал да води битки на надворешен план кои, како што оценува бугарскиот министер за надворешни работи, се покажуваат како јалови.

„Бугарија е силна земја, Бугарија е фактор и во Европската Унија и во регионот, што РС Македонија мора да земе предвид. Ние сме земја членка на ЕУ, а РС Македонија е само кандидат засега“, вели Георгиев.

Според него, властите во С. Македонија го довеле Европскиот парламент во исклучително непријатна и незавидна позиција да бара изговори, но како што додава, Бугарија не треба да се заблагодарува или да се радува на исходот, бидејќи Софија ја поддржува земјава на нејзиниот пат кон европската интеграција.

Говорејќи за спорните историски прашања, шефот на бугарската дипломатија вели дека тој бил оставен на историчарите кога бил потпишан Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Скопје и Софија.

„Темите поврзани со јазикот и идентитетот треба да ѝ припаѓаат на научната заедница. Имаме заедничка историја и ова не треба да го експлоатира никој“, кажа бугарскиот министер за надворешни работи.

Според неговите оценки, македонскиот премиер Христијан Мицкоски спроведува „кризен пи-ар“, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.

„Верувам дека граѓаните на РСМ, кои го заслужуваат своето членство во ЕУ и заслужуваат лидери кои можат да ги водат кон тоа, можат да разликуваат што е реално на патот на европската интеграција и што ги оддалечува од неа“, додава министерот за надворешни работи на Бугарија.