Георгиев: Ако не се исполнат обврските, нема да продолжи пристапувањето на Македонија
На ден пред чествувањето на 153-годишнина од раѓањето на македонскиот национален херој и великан Гоце Делчев, бугарскиот шеф на дипломатијата Георг Георгиев пред бугарските новинари нагласи дека не добиле покана од македонските власти за заедничко чествување на Гоце Делчев.
На ден пред чествувањето на 153-годишнина од раѓањето на македонскиот национален херој и великан Гоце Делчев, бугарскиот шеф на дипломатијата Георг Георгиев пред бугарските новинари нагласи дека не добиле покана од македонските власти за заедничко чествување на Гоце Делчев.
„Не сме добиле покана за заедничка прослава. „Последната (заедничка прослава) беше по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство – 2017 година, ако не се лажам“, коментира шефот на дипломатијата.
„До овој момент немаме покана. Се надевам дека нема да има проблеми како ланската прослава“ потенцира Георгиев во интервју за БТВ.
На прашањето дали повторно ќе има тензија меѓу двете страни за време на прославата, тој рече дека се надева дека нема повторно да бидеме сведоци на сцени на насилство.
„Отсекогаш сме велеле дека историјата треба да не обединува, а не да се цртаат линии меѓу нас“, додаде шефот на дипломатијата.
Тој потсети дека таканаречениот „француски предлог“ од 2022 година, кој предвидува Бугарите да бидат вклучени во Уставот на Северна Македонија, е договор меѓу целата Европска унија (ЕУ) и Скопје.
„Овде зборуваме за обврски кои се многу подалеку од билатерален спор. Зборуваме за нешто за што се согласија сите земји-членки на ЕУ и Република Северна Македонија. Доколку не се исполнат обврските, Европската унија нема да може да го продолжи патот на пристапување на РСМ“, нагласи Георг Георгиев.
Бугарската телевизија забележува дека Софија и Скопје повторно нема да го слават заедно роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари.
Според него, Георгиев нема држава која повеќе од Бугарија има интерес од интеграцијата на земјите од Западен Балкан и додаде дека тоа не го кажува само од позиција на бугарските европски приоритети од 2018 година со претседателството, туку во многу поширок контекст.
„Ние, искрено, се радуваме дека Република Северна Македонија и Албанија се наши сојузници во НАТО. Тоа е инвестиција во безбедноста на регионот. Природно е да се радуваме и на евроинтеграциите, но со запазување на условите“, рече бугарскиот министер.
За евентуална средба на Христијан Мицкоски со бугарскиот премиер Росен Жељазков, министерот Георгиев рече дека доколку се побара таква средба според воспоставената протоколарна практика, таа ќе биде разгледана од аспект на нејзината сериозност.
„Нема друга земја која сака Западен Балкан да биде дел од ЕУ повеќе од Бугарија“, додаде тој.