
Генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, денеска одбегна да одговара на новинарски прашања во врска со блокадите и сообраќајниот хаос во главниот град и ги упати новинарите да испратат прашања на електронската адреса.
Во кратката изјава тој обвини дека блокадите се поради политички и лични интереси на поединци.
На крајот од изјавата рече дека тука сака и да заврши бидејќи имаат обврски кои ги „притискаат“ со оглед дека Градот е блокиран и во извршување на јавните дејности на самата градска администрација.
„Застој во однос на вршењето на јавниот превоз поради ЈСП нема туку целиот застој е поради блокадата која евидентно има политички одек. ЈСП има капацитет и работи во полна кондиција. Во оваа насока, го повикуваме МВР да реагира согласно законски овластувања да преземе мерки бидејќи одреден приватен личен интерес врши штета на Градот, граѓаните, како и сите чинители и жители на Градот Скопје“ – рече Глигоров.
Во однос на должничко-доверителските односи, како што ги кажа, во моментов интензивно се врши ревизија врз основа на која точно ќе се утврдат состојбите.
Во изјавата тој се осврна и на јавниот повик, кој вчера преку соопштение и социјалните мрежи го најави градоначалничката Данела Арсовска, за приватни превозници за линиите со број 20 и 22, за што рече има огромен интерес.
„Што се однесува до јавниот повик, самиот јавен повик е една техничка работа и операција која во суштина е иста како и претходниот јавен повик врз основа на кој беа ангажирани и претходните чинители во вршењето на оваа функција. Во оваа насока сакам да ви укажам дека има огромен интерес од страна на заинтересирани лица, посебно од оние кои досега биле ангажирани и возеле одредени линии. Јавниот повик е отворен и ги нудиме сите опции, значи нема ограничувања. На овој начин сакаме да овозможиме секој што чесно работи, да врши дејност согласно правила и закон и на тој начин да обезбеди соодветно функционирање на својата фамилија и на секојдневните свои потреби“ – рече Глигоров.