Генчовска: Тешко е да се каже дека има некаков напредок во односите меѓу Бугарија и С. Македонија

„До бугарското Министерство за надворешни работи не е пристигнат никаков официјален документ, како што изјави министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи“.

Ова денеска го истакна шефицата на бугарската дипломатија – Теодора Генчовска.

„Билатералните разговори се одржаа на 10 февруари и се работеше на предлог-протокол, но за жал резултатите беа незадоволителни“ – изјави Генчовска по седницата на бугарското Народно собрание.

Таа оцени дека е тешко да се каже оти има некаков напредок во односите меѓу Бугарија и С. Македонија.

„Бугарското Министерство за надворешни работи многу активно работи со надворешно-политичкиот тим на премиерот Кирил Петков“ – рече Генчовска, додавајќи дека има „сериозни разлики врз основа на националната позиција до која Министерството стриктно се придржува“.

Таа беше децидна дека нема напредок по ниту една од другите четири точки од патоказот за спроведување на билатералниот Договор за соработка.

„Од јануари потрошивме време за да се завршат многу работи, а најважно е отворањето на Уставот на Северна Македонија и вклучување на тамошните Бугари во Преамбулата“ – додаде шефицата на бугарската дипломатија.

Според Генчовска, реално е да се очекува дека до крајот на француското претседавање со ЕУ, Скопје „нема да има време да го отвори и заврши овој процес“.