„Бугарскиот премиер Петков уште во февруари му вети на еврокомесарот Вархеји дека ќе го крене ветото за Македонија до крајот на јуни“.
Ова денеска го потврди министерката за надворешни работи во оставка, Теодора Генчовска во сослушувањето во бугарското Народно обрание.
Таа откри и дека Петков, преку својот советник за надворешна политика се обидел да ја ревидира и омекне рамковната позиција на Бугарија во однос на Македонија, во која како што потенцира, не бил содржан бугарскиот став за македонскиот јазик, ниту јасен механизам за спроведување на договорот за добрососедство. Министерката потенцира дека за се бил запознаен и официјален Брисел.
„На 31 март, за време на средба со еврокомесарот за проширување (Вархеји) токму таа позиција беше претставена од него како веќе договорена по иницијатива на бугарската страна. Отстапувањето на таквата позиција беше благодарение на тимот на министерството за надворешни работи“ – рече Генчовска.
Според неа, главниот проблем бил што во Брисел се создал впечаток дека Софија е подготвена за отстапки.
Таа испрати прозивка и до македонскиот колега Бујар Османи дека наместо во рамките на двете министерства, остварувал контакти и надвор од бугарското МНР.
„На првата средба со министерот за надворешни работи на Македонија првото што му го реков беше „г-н министер разговараје само со мене“. За жал, тоа не се случи“ – изјави Генчовска.
Инаку, премиерот Петков е во потрага по уште 7 пратеника за мнозинство, додека партијата на Бојко Борисов – ГЕРБ ја почна процедурата за гласање недоверба на Владата.
За да падне владата, потребно е да гласаат 121 од вкупно 126-те опозициски пратеници, вклучително иние 20 од партијата на Слави Трифонов, кои пред неколку дена ја напуштија владејачката коалиција.