
Генералниот штрајк ја парализира Португалија
Португалија денеска е блокирана поради генералниот штрајк во организација на двата најголеми синдикални сојузи ЦГТП и УГТ поради владиниот предлог за реформи на Законот за работни односи.
Португалија денеска е блокирана поради генералниот штрајк во организација на двата најголеми синдикални сојузи ЦГТП и УГТ поради владиниот предлог за реформи на Законот за работни односи.
Штрајкот предизвика нарушување на сообраќајот, на работата на аеродромите, болниците, училиштата и другите јавни услуги.
Меѓу повеќе од 100-те предлози, најконтроверзни се оние што би им дозволиле на работодавците да ги продолжуваат привремените договори со години, да ја укинат забраната за отпуштање на работници и нивно непосредно повторно вработување преку надворешни соработници и да ја укинат обврската за враќање на неправедно отпуштените вработени.
Синдикатот ЦГТП го осуди пакетот како „напад врз правата на сите работници, особено на жените и младите“, додека УГТ го смета за „толку несоодветен, во контекст на економскиот раст, финансиската стабилност и силниот пазар на трудот, што … одразува јасна пристрасност во корист на работодавците“. Според УГТ формалните разговори со Владата и работодавците биле „неурамнотежени, рестриктивни и штетни за работниците“.
За разлика од многу претходни штрајкови, денешната акција не е ограничена само на јавниот сектор. Во најголемата фабрика во Португалија, „Автоевропа“ на „Фолксваген“, јужно од Лисабон, речиси 1.000 работници минатата недела едногласно го поддржаа штрајкот.
ЦГТП и УГТ последен пат беа обединети во 2013 година, за време на должничката криза во еврозоната, кога меѓународните институции бараа намалување на платите и пензиите како услов за пакет помошта за Португалија.