Во Франција во тек е генерален штрајк поради зголемените трошоци за живот. Јавниот транспорт е особено погоден, а штрајкови има и во здравствената и прехранбената индустрија, според локалните медиуми.
Станува збор за продолжување на штрајкот кој започна пред три недели во енергетската компанија „ТоталЕнерџис“ и кој веќе предизвика недостиг на гориво.
Поради повеќенеделниот штрајк во рафинериите и магацините на нафта, бензинските пумпи имаат големи проблеми со снабдувањето, па возачите мораат да чекаат во редици за гориво неколку часа. Француската влада нареди некои од штрајкувачите да се вратат на работа, но синдикатите одлучија да го продолжат штрајкот.
Денеска, според најавите, им се приклучуваат и други синдикати, поради што се предвидуваат многу големи проблеми, особено во јавниот превоз, бидејќи се очекува да се укинат дури половина од сите железнички врски, пренесуваат медиумите во регионот. Тие штрајкуваат и во секторите за јавно здравје и храна.
Во неделата, десетици илјади луѓе се собраа во Париз на демонстрации против зголемените трошоци за живот.