Генерален штрајк во транспортниот сектор утре во Германија

Германскиот синдикат на вработените во јавниот сектор Верди и железничкиот синдикат за понеделник најавија еднодневен генерален штрајк на транспортниот сектор во Германија. Штрајкот целосно ќе го парализира железничкиот, воздушниот и поморскиот сообраќај.

Синдикатот на вработените во јавниот сектор „Верди“ и синдикатот на вработените во железницата „ЕВГ“ најавија еднодневен предупредувачки штрајк што ќе го зафати и меѓуградскиот железнички сообраќај и речиси целиот градски сообраќај како и повеќето аеродроми, јавуваат германските медиуми.

Штрајкот го вклучува и водниот транспорт во Германија и управата за автопати.

Според податоците на Здружението на аеродроми, од штрајкот во понеделник би можеле да бидат погодени 380.000 патници, а сообраќајот се очекува да биде во прекин до средината на неделата.

Претставник на Германските железници (ДБ) ги повика патниците да ги одложат патувањата доколку е можно или да ги преместат на денот пред, или по штрајкот.

Причина за штрајкот е тоа што синдикатите бараат повисоки плати, особено изедначување на негативниот ефект на инфлацијата врз реалните плати. Синдикатот Верди за 2,5 милиони вработени бара зголемување од 10,5 отсто.