Гебрејесус: Нова пандемија е неизбежна, мора да бидеме подготвени

Порано или подоцна ќе се случи нова пандемија и тоа не е теоретски ризик, туку епидемиолошка извесност, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.

Порано или подоцна ќе се случи нова пандемија и тоа не е теоретски ризик, туку епидемиолошка извесност, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.

Говорејќи на отворањето на 13-та седница на Меѓувладиното преговарачко тело (ИГНБ), кое подготвува договор за превенција од пандемии, тој потсети на ужасните последици од избувнувањето на КОВИД-19 во светот, нагласувајќи дека „следната пандемија нема да чека“.

– Нова пандемија може да избувне за 20 или повеќе години, а можеби и утре. Но, тоа ќе се случи и во секој случај мора да бидеме подготвени, рече тој и потсети дека според официјалните податоци, од Ковид-19 починале околу седум милиони луѓе, но се проценува дека реалната бројка е 20 милиони.

Гебрејесус изрази уверување во можноста за постигнување консензус во преговорите за договор за пандемија.

– Таков договор во никој случај нема да го наруши суверенитетот на која било земја членка на СЗО, туку напротив, ќе го зајакне националниот суверенитет и меѓународната акција, рече тој.

Тој истакна дека верува оти земјите-членки се „подготвени да креираат историја“ и побара „да не се отфрлаат три и пол години разговори и да се постигне договор во борбата против пандемии“.

Тој побара од 194 земји да го направат договорот против пандемијата симбол на можноста меѓународната заедница да се здружи и покрај многуте сегашни поделби.

– И запомнете дека големи епидемии, како што е еболата, моментално се бележат низ светот. Пандемија може да убие повеќе луѓе и да предизвика поголемо економско нарушување од војна, рече Тедрос.

Земјите-членки веќе го продолжија рокот за една година за постигнување договор и си дадоа рок до Светското собрание во мај во Женева да го сторат тоа.

Но, поделбите остануваат големи за одредени прашања, вклучувајќи прашања за интелектуална сопственост, размена на информации за патогени или унифициран пристап кон здравјето на луѓето, другите животински видови и животната средина, пишуваат швајцарските медиуми.