Додека ВМРО ДПМНЕ е воздржан од информации за распределба на ресорите со коалицијата ВЛЕН, албанските медиуми веќе објавија дека претседателот на Алтернатива, Африм Гаши ќе биде новиот претседател на Собранието.
Според најавите, денеска се очекува да биде објавен постигнатиот договор. Неизвесно е дали во поделбата на власта ќе учествува и ЗНАМ на Максим Димитриевски, кој според непотврдените информации барал три министерства, додека од ВМРО-ДПМНЕ сметале дека треба да раководи со едно. Што се однесува од останатите партии дел од ВЛЕН, Демократското движење на Изет Меџити ќе има прв вицепремиер на Владата (претходно тоа беше Артан Груби), го добива и Министерството за животна средина и двајцата заменици министри, за транспорт и за внатрешни работи.
Тв Алсат пишува дека Движењето Беса ќе раководи со Министерството за економија и Министерството за труд и социјална политика, а добива и заменик министер за култура.
Арбен Таравари го барал Министерството за здравство, добива и министер без ресор, заменик министер за одбрана и заменик министер за земјоделство.
Во бројните шпекулации за потенцијалните министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, повеќето се познати имиња кои веќе биле министри.
Според овие неофицијални најави, Антонио Милошоски се враќа во МНР, Панче Тошковски оди во Министерството за правда, а во МВР доаѓа Александар Николовски.
Владо Мисајлоски повторно на чело на Министерство за транспорт и врски, додека Гордана Димитриевска – Кочовска во Финансии. Весна Јаневска во МОН, додека Тимчо Муцунски во Министерството за одбрана.
Борко Ристовски се споменува за во Министерството за спорт, додека Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.