Односите меѓу Северна Македонија и Кралството Саудиска Арабија се пријателски, со заедничка посветеност за нивно продлабочување, а има голем простор за динамизирање на економската соработка.
Ова било заклучено на средбата меѓу претседателот на Собранието Африм Гаши со Авад Ал Анзиј Бин Сибтиј, заменик-министер за исламски прашања на Кралството Саудиска Арабија, кој предводи делегација во посета на земјава.
Како што соопшти собраниската прес-служба, на средбата присуствувале и пратениците од Собранието на Северна Македонија Аднан Азизи и Салим Сулејмани, како и претставници на ИВЗ, вклучително со Реиз ул Улема Шаќир Фетаи.
Посакувајќи му добредојде на заменик-министерот Авад Ал Анзиј Бин Сибтиј, претседателот Гаши истакнал дека оваа посета е значајна за негување на билатералните односи.
Соговорниците се осврнале на можностите за почести дипломатски размени и посети на парламентарно ниво за развој на билатералните односи, а се разговарало и за можностите за подобрување на образовната размена, како и за важноста на културната соработка за поттикнување на меѓусебното разбирање и добра волја.
Во делот на конзуларната соработка, се додава во соопштението, била нагласена важноста од олеснување на патувањата за граѓаните на двете земји.