Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили најверојатно наскоро нема да се најде пред матичната собраниска Комисија за социјална политика, демографија и млади.
Откако претседателката на Комисијата, Илире Даути од Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“ прeдводена од ДУИ, минатата недела одби да закаже седница на ова собраниско тело за предлог-законот, тоа не го стори ниту претседателот на Собранието, Африм Гаши, како што налага Деловникот за работа на законодавниот дом.
Гаши денеска во пишана изјава за ТВ Канал 5, вели дека нема да свика седница на Комисијата, повикувајќи се на истото образложение што во четвртокот го соопштија од Собранието, а тоа е дека седница веќе била свикана.
Во изјавата Гаши цитира делови од членот 126 од Деловникот, кои, пак според неговото толкување му го одземаат правото да интервенира.
„Деловникот во член 126 не вели дека ‘ако претседателот на Комисијата одбива да стави конкретен закон’, туку ‘ако претседателот на Комисијата не свика седница’. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, Деловникот ми го одзема правото на интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата“ – вели собранискиот спикер.
Според него во овие четири месеци биле увидени неколку недоречености поврзани со Деловникот за прашања кои, како што вели, планира да се решат преку Комисијата за деловнички прашања.
„Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку Комисијата за деловнички прашања – тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот Деловник“, вели Гаши во изјавата за Канал 5.
Според министерот за здравство, Арбен Таравари, кој како и Гаши доаѓа од коалицијата „Вреди“, која е дел од власта, предлог-измените на Законот за бранителите не е тема за која во моментот треба да се разговара.
„Не знам зошто се драматизира и Законот за бранители. И ова е седми пат. Законот за бранители е донесен 2002, 2005, 2007, 2009, 2013, 2015 година и јас сега мислам дека не е моментот да се разговара за такви теми. Мислам дека таа точка сега засега нема ни да се третира, нема ниту да помогне. Меѓутоа ништо трагично зошто толку драматизираат. Овие партии опозициски, посебно албански сите имаат изгласано шест пати таков закон, така што мислам дека не е моментот за тоа да се разговара“, изјави денеска министерот за здравство, одговорајќи на новинарски прашања.