Гасниот интерконектор Србија – Бугарија утре ќе биде пуштен во пробна работа

Гасниот интерконектор Србија-Бугарија ќе биде пуштен утре во пробна работа, соопштија за Танјуг од Министерството за рударство и енергетика.

Се очекува присуство на највисоките државни функционери на Србија и Бугарија.

Завршени се сите работи на гасоводот кон Бугарија, што ќе овозможи побезбедно и постабилно снабдување со гас од различни извори, особено од Азербејџан.

Изградбата на новиот гасовод во должина од 109 километри од Ниш до Димитровград траеше 12 месеци.

Вкупната должина на двонасочниот гасовод Србија-Бугарија е 170 километри, од Нови Искар кај Софија до Ниш.

Во Србија беа изградени четири мерни и регулациони станици во Пирот, Димитровград, Бела Паланча и Ниш.

Србија потпиша договор за интерконекција со Булгартрансгас и комерцијален договор за снабдување до 400 милиони кубни метри гас од Азербејџан до крајот на 2024 година.

Во ноември, бугарскиот оператор за пренос на гас Булгартрансгас ЕАД и транспортниот систем оператор Транспортгас Србија потпишаа договор за интерконекција на новата точка Калотина-Димитровград на новоизградениот интерконектор Бугарија – Србија.

Од Азербејџан до 2026 година можеме да добиеме и до 400 милиони кубни метри гас годишно, додека од 2027 година тие количини може да се зголемат и до три пати.

Гасната интерконекција кон Бугарија е важна и поради гасификацијата на југоисточниот дел на Србија, бидејќи овозможува поврзување со гас на деловните субјекти и домаќинствата во Пирот, Димитровград и Бела Паланка и развој на секундарната гасоводна мрежа во Ниш.

Гасната интерконекција кон Бугарија ја зајакнува позицијата на Србија на гасната карта на Европа, бидејќи гасоводот Србија-Бугарија со капацитет од 1,8 милијарди кубни метри овозможува транзит на гас од Азербејџан и Каспискиот регион до земјите од Централна Европа.

Вкупната вредност на гасниот интерконектор Ниш – Димитровград – Бугарија е 85,5 милиони евра.

Проектот е делумно финансиран преку грантови од ЕУ, во износ од 49,6 милиони евра, како и поволен заем од 25 милиони евра од Европската инвестициска банка, кој Србија ќе го плати за делот од гасоводот што минува низ Србија.

За овој проект Република Србија издвои 15 милиони евра и за подготвителни работи и проектирање 7,5 милиони евра.

Гасот сочинува 13 проценти од потрошувачката на примарна енергија во Србија и досега можеше да се добие само од две влезни точки, преку гасоводот Балкански тек и од Унгарија.