Гаснењето на пожарот во Чаир отежнато поради големата количина запаливи материјали
Центарот за управување со кризи попладнево соопшти дека гаснењето на пожарот во скопски Чаир се одвива отежнато и дека како помош треба да пристигне специјално противпожарно возило од Армијата.
– Гаснењето на пожарот во скопски Чаир се одвива отежнато поради големата количина на чад и високата температура во подрумите во кои била складирана поголема количина на запаливи материјали. Дополнително како помош на скопските пожарникари ќе пристигне специјално противпожарно возило на Армијата, стои во информацијата од ЦУК.
Вкупно 43 лица беа хоспитализирани по пожарот во зграда што избувнал рано утрото. На Клиниката за токсикологија биле примени 31 пациент, од кои пет се задржани на болничко лекување, а на Детската клиника биле примени 12 деца, од кои две се задржани на лекување. Сите пациенти се во стабилна состојба.
Од МВР информираа дека во 01:55 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во подрумски простории во зграда на улицата „Серава“, а од ЦУК информираа дека во гаснењето учествувале 20 пожарникари со седум возила.
Фото: ЦУК