
Ние патриотите и милионите гласачи кои нè поддржуваат велиме дека е доста од предавството на европските земјоделци и доста е од политиките што се спротивни на европските интереси, па затоа бараме промена на насоката и ново раководство на ЕУ, кое конечно ќе им служи на луѓето од Европа, а не на Брисел, изјави синоќа унгарската европратеничка Кинга Гал на дебатата во Европскиот парламент по иницијативата за изгласување недоверба на Еврокомисијата на Урсула фон дер Лајен.
– Урсула фон дер Лајен и нејзината комисија мора да си заминат, истакна Гал образложувајќи ја иницијативата во името на нејзината пратеничка група Патриоти за Европа (ПФЕ).
Според Гал, во последните неколку години видовме низа погрешни чекори од страна на Европската комисија, кои го туркаат европското земјоделство во сериозна криза – од барањата од Зелениот договор, преку административниот товар за земјоделците, па до договорите за слободна трговија на ЕУ со Украина и со Меркосур,
– Сето ова се напади врз европските земјоделци. Европските земјоделци не се неоправдано на улиците, од Полска до Франција, од Ирска до Шпанија, а утре и тука во Стразбур пред Парламентот. Тие протестираат затоа што имаат право да сметаат дека Европската комисија повторно ги предала нивните интереси, истакна Гал.
Унгарската европратеничка посочи дека сега со склучувањето на договорот ЕУ-Меркосур, евтините земјоделски производи ќе ги преплават европските пазари создавајќи нелојална конкуренција, а заштитните клаузули што ги најавува Комисијата, според неа, се само празни ветувања кои всушност не обезбедуваат соодветна заштита за европските земјоделци.

– Ова е надополнето со драстичните намалувања на финансирањето од ЕУ за земјоделците во новата Предлог-повеќегодишна финансиска рамка. Тоа ќе ги уништи европските земјоделци. Тоа се луѓе кои гарантираат дека имаме храна на нашите маси, истакна Гал, која доаѓа од редовите на партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Гал забележа и што Фон дер Лајен и членовите на Комисијата не присуствуваат на дебатата, оценувајќи дека тоа е целосно неприфатливо.
– Ова покажува презир кон илјадниците земјоделци кои протестираат, индустријата и неколкуте милиони гласачи кои ги претставуваат Патриотите, потенцира Гал.
Единствениот член на Еврокомисијата присутен на дебатата, еврокомесарот за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност Марош Шефчович истакна дека ЕК ги поздравува сите можности за отворени и конструктивен дијалог, а оваа дебата, според него, е доказ за таа посветеност.
– Се наоѓаме во турбулентен геополитички пејзаж, сведоци сме на фрагментација на мултилатерализмот и на поредокот базиран на правила, се соочуваме со можното воведување дополнителни царини од преку Атлантикот и сме сведоци на неоправдани закани за нашиот територијален интегритет и суверенитет, рече Шефчович.

Во овој контекст, според него, Договорот на ЕУ за Маркосур испраќа јасна порака до светот дека Унијата избира трговија базирана на правила наместо трговија базирана на сила, мултилатерализам наместо унилатерализам, заемна корист наместо еднострана добивка, одржливост наместо експлоатација на природата и дека гради сигурни партнерства засновани на пријателство и заемно почитување.
– Договорот на ЕУ со Меркосур е историско достигнување и неговото стратешко значење не може да се процени. Тоа е нашиот најголем трговски договор досега. Тој ќе обедини над 700 милиони потрошувачи и ќе ги зголеми трговијата и инвестициите со елиминирање на високите царини и бариери. Ќе создаде нови работни места и можности за бизнисите, од големите корпорации, преку малите и средните претпријатија, па сè до земјоделците, истакна Шефчович.
Според него, овој договор ќе и овозможи на ЕУ пристап до ретки суровини, со што ќе ги зајакне конкурентската предност на европската индустрија на глобалниот пазар и нејзината отпорност, ќе го поттикне стремежот за имплементација на Парискиот договор и заштитата на природата, и ќе ги гарантира работничките права, човековите права и благосостојба на животните.
– Процесот што доведе до негово потпишувањето беше проследен со постојан дијалог и систематско ангажирање со сите засегнати страни, вклучително и со членовите на овој Парламент, внимателно слушање на сите загрижености, дискусии низ земјите членки, пред националните парламенти и со директно ангажирање со земјоделците, рече Шефчович.
Како резултат на тоа, според него, Еврокомисијата предложила дополнителни сет мерки без преседан за заштита на чувствителните сектори од какви било потенцијални негативни влијанија и за обезбедување гаранции за почитување на фитосанитарните и производствените стандарди.

Дополнително, истакна Шефчович, со новата повеќегодишна финансиска рамка, Европската комисија предвидува 6,3 милијарди евра за поддршка на земјоделците во случај спроведувањето на договорот да има штетно влијание врз земјоделските пазари на ЕУ, а предлага и дополнителни околу 45 милијарди евра што земјите членки ќе можат веднаш да ги користат за поддршка на земјоделците и руралните заедници.
– Претседателката Фон дер Лајен на почетокот на овој мандат ме задолжи да преговарам за постигнување трговски договори кои ќе донесат заемна корист и како што ветив пред овој Парламент во 2024 година, останувам посветен на склучување договори што ќе им служат на интересите на европските граѓани, бизнисите и земјоделците. Затоа денеска стојам пред вас со увереност дека Договорот со Меркосур е добар за Европа. Тој го зајакнува нашиот статус како глобална трговска сила, потенцира Шефчович во обраќањето пред европратениците.
Гласањето по иницијативата на Патриотите за Европа (ПФЕ) за изгласување недоверба на Еврокомисијата на Фон дер Лајен е предвидено за в четрток.
Ова ќе биде четврто гласање недоверба на Еврокомисијата за нешто повеќе од половина година. При претходните три гласања иницијативите не ги добија потребните мнозинства од најмалку две третини од пратениците што ќе учествуваат во гласањето, при што бројот на оние што гласале „за“ треба да е поголем од половина од вкупниот број европратеници или во моментов најмалку 360 гласа.