„Дино паркот беше една од поубавите успешни приказни. Ме боли тоа што ја викаат куќа на стравот бидејќи беше најпосетена институција во Македонија. Во мое време поставив 24 часовен мониторинг. Имав ветеринари тим кој беа цел ден на терен. Сега како што имам информации, има еден дечко кој мене ми работеше родендени, сега го водат како ветеринар. Дали Арсовска ќе ми даде шанса да бидам директор е нејзина одлука, јас се понудив да спасиме и вратиме на шини воз што оди накај бездна“ вели во ексклузивно интервју за „Трилинг“ поранешниот директор на скопската Зоолошка градина – Ѓорѓи Галетановски кој се понуди повторно да го преземе раководењето на скопската ЗОО.
Трилинг: Три и пол години бевте директор на Зоолошката градина, но откако Шилегов не ја доби поддршката за втор мандат за градоначалник на Скопје, одлучивте да си поднесете оставка. Што беше пресудно да одлучите да аплицирате на конкурсот за нов директор на Зоолошката градина?
Галетановски: Да, јас си заминав после 2 месеци по доаѓањето на ново раководство во град Скопје. Но заминав бидејќи барав средба и сакав да знам што планира градоначалничката Данела Арсовска со Зоолошката градина. Сепак е тоа институција што ако не ја водиш плански – тонеш. Не ме прими, отидов си потпишав неотповиклива оставка иако имав уште 3 години договор, а конкурирав на конкурсот поради 2 работи – јавноста и колегите таму и состојбата на Зоолошката
Трилинг: Додека бевте директор во една прилика изјавивте „Ме смирува кога ноќе сам доаѓам во Зоолошката“. Имајќи во предвид дека важите за близок човек на екс градоначалникот Шилегов, мислите дека градоначалничката Арсовска би ви дала шанса повторно да бидете директор, и како што најавувате да ја вратите гордоста на институцијата?
Галетановски: Да, кога шетав се одморав од напорни денови. Јас во цел мандат не ми се случило викенд да не сум во ЗОО. Дали ќе ми даде шанса е нејзина одлука, јас се понудив да спасиме и вратиме на шини воз што оди накај бездна.
Трилинг: Од крајот на 2021 година досега неколку директори дојдоа на ваше место. Се повеќе угинати животни, се помалку одговори од скопската Зоолошка градина. Каде вие би ја лоцирале одговорноста?
Галетановски: Одговорноста ја лоцирам директно во лошото менаџирање на раководството, не поставување стратегија и неработење со вработените за кои тврдам дека се најдобрите работници во државава.
Трилинг: Во 2023 година за шест месеци во Зоолошката угинаа две жирафи, претходно пцовисаа три пржевалски коњи, исклучително ретка и скапа раса. Дали и кој ја мониторира здравствената состојба и ја гарантира безбедноста на животните?
Галетановски: Во мое време поставив мониторинг систем врвен, 24 часа го контролираа двајца, Ненад и Кате. Што се случило зошто не работел после само Господ знае, а имав ветеринари тим кој беа цел ден на терен. Сега како што имам информации, има еден дечко кој мене ми работеше родендени, сега го водат како ветеринар.
Трилинг: Во ваш мандат беше изграден Дино-паркот и имаше рекордна посетеност од 18 илјади граѓани за викенд. Зошто последниве години како што велат упатените „Зоолошката е претворена во куќа на стравот“, и дали сте влегле во неа откако не сте директор?
Галетановски: Дино паркот беше една од поубавите успешни приказни. Беше инвестиција која пола ја плати Т-мобиле, пола град Скопје, а со посетеноста јас ја извадив за една сезона. Сега не сум бил, ама како што ми кажуваат вработените, не работел и биле расипани диносаурусите и обраснат со трева. Ме боли тоа што ја викаат куќа на стравот бидејќи беше најпосетена институција во Македонија. Одам ретко да ги видам колегите, обврзно после празници да си честитаме, бидејќи сепак сум со нив како фамилија
Трилинг: Како ја оценувате инцијативата на коалицијата Зелен хуман град за мораториум за носење на нови животни во скопската Зоолошка?
Галетановски: Иницијативата на ЗХГ ја гледам како моментално решение додека се фати за работа ново раководство, инаку тоа е погубно долготрајно бидејќи да изгубиш заштитени видови животни е навистина пораз за општеството.
Трилинг: Што треба да биде приоритет за враќање на имиџот на Зоолошката градинка?
Галетановски: Приоритети и тоа најитни се да смени директор, да се постави човек што ќе е секој ден до вечер рамо до рамо со вработените и враќање итно под кандидатскиот статус на Еаза.
Трилинг: Како ја оценувате политиката на градоначалничката Данела Арсовска која практикува многу често да именува и разрешува директори на претпријатија кои се во надлежност на град Скопје?
Галетановски: Менувањето често на директори е лоша политика, но не ја обвинувам целосно бидејќи како што знам не одлучуваше сама, а згреши што поставуваше луѓе кои немаат желба за работа, кои мислат само на кафеана и имаат 0% емпатија. Видете, луѓе сме грешиме и јас сум човек што признава грешки и не е грев да згрешиш, грев е да ги повторуваш грешките. Видете скопјани се тешки луѓе, народски кажано – пис луѓе и повеќе знаат да казнат, него да наградат.
Трилинг: Вашите проценки пред локалните избори беа дека ВМРО-ДППМНЕ ќе победи во најголем дел од општините, се остварија. Сепак ВМРО-ДПМНЕ признава дека направиле грешка што за градоначалник на главниот град е Данела Арсовска. Кои се денес вашите предвидувања во однос на локалните избори идната година?
Галетановски: Моите предвидувања се дека секој што ќе стане градоначалник на Скопје дали е од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ мора да сфати дека што повеќе деполитизира институции, толку повеќе ќе го сакаат.
Трилинг: Многумина ве познаваат како Чомбе – менаџер на дискотеки, страстен навивач, но и човек чие име се поврзувало со низа на инциденти. Кој ја има контролата на теренот во вечерните часови кога кафулињата и дискотеките се преполни, полицијата или подземјето?
Галетановски: Моето име повеќе го поврзуваа со инциденти луѓе што не ме сакаа. Ако е инцидент какви патики сум носел или наочари, ОК, тоа е тоа. Или на утакмица ако сум свирел и спречувал инцидент. Ама и нормално е не може сите да те сакаат. Ако те сакаат сите, нешто не е во ред. Моментално во Скопје ноќниот живот е многу смирен, како и да не постои. После ковид 19 многу навики сменивме. Но можеби е подобро за мир во куќа. Последниве две години улицата е мирна и безбедна.