Галеника ја купува Lifemedic од Белград
Фармацевтската компанија Галеника станува сопственик на 100 проценти од српско – словенечката компанија Lifemedic и ја презема ексклузивната дистрибуција на програмата за производи на италијанската фармацевтска компанија Pharmalife Research за пазарите во Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
– Трансакцијата ќе биде завршена откако антимонополските комисии на пазарите во Србија, Северна Македонија и Црна Гора ќе го спроведат процесот на одобрување, што се очекува на крајот на четвртиот квартал од 2023 година, по што ќе започне процесот на интеграција, соопштија денеска од фармацевтската компанија „Галеника“.
Со оваа аквизиција, се наведува во соопштението, „Галеника“ продолжува да го шири своето портфолио на производи.
– Откако стана дел од бразилската NC групација, Галеника постигна значителен деловен раст и меѓународна експанзија. Купувањето на компанијата Lifemedic и почетокот на соработката со италијанскиот производител Pharmalife Research претставува уште еден чекор во интернационализацијата на бизнисот на Галеника и ја потврдува нашата целосна посветеност на инвестиции и иновации во согласност со современите потреби на потрошувачите. Pharmalife Research има над 400 производи во своето портфолио и извезува во 60 земји низ светот. Среќни сме што најдовме глобален партнер кој ги споделува нашите вредности и посветеност на квалитетот на производите и здравјето, вели Рикардо Вијан Маркес, генерален директор на „Галеника“.
Инаку, Lifemedic е српско-словенечка компанија со долгогодишно искуство во дистрибуција на додатоци во исхраната и козметички производи произведени од реномирана биофармацевтска компанија – Pharmalife Research од Италија, а воедно Lifemedic е и ексклузивен увозник и дистрибутер за пазарите во регионот.