Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека САД и другите сојузници му дале на Израел „нови способности“ да се брани од потенцијален ирански напад, како и да одговори на него.
– Внимателно го следиме планираниот напад на Иран и неговите поддржувачи против државата Израел. Во последните денови ја зајакнавме нашата воздушна одбрана и нашата офанзивна низа, се вели во изјавата на Галант, пренесува „Тајмс од Израел“.
– Додадовме нови способности, на копно, во воздух, на море, во разузнавањето, во државата Израел и заедно со нашите партнери, предводени од САД, рече тој.
– Иран е терористичка држава, светот е изложен на неа сега повеќе од кога било. Ние сме решени да ги заштитиме нашите граѓани од овој тероризам и ќе најдеме начин да одговориме на него, нагласи Галант.
Тој додаде дека израелските цивили треба „да ги следат упатствата на ИДФ и да дејствуваат во согласност со директивите на командата на Домашниот фронт“.