
Клиниката за Гинекологија и акушерство испрати реакција по повод обвинувањата на партијата Левица, а ги објави „Фокус“.
Од ГАК информираат дека имало кус прекин со напојувањето на струја, но веднаш било постапено по сите протоколи.
„ЈЗУ Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство ја информира јавноста дека на 28.03.2026 имаше кус прекин со напојувањето на електричната енергија во една од просториите на Одделението за интензивна нега и терапија, но веднаш е постапено по сите протоколи.
Вакви случаи со техниката можат да се случат секаде во светот и тоа е нешто што не можете да го контролирате. Затоа клиниката е подготвена согласно протоколите веднаш да реагира при што ниту еден живот на ниту едно новороденче не беше загрозен.
Клиниката располага со современ систем на напојување на електрична енергија во случаи на рестрикција на струја. Бебињата си ја добиваа потребната терапија и потребната количина на кислород без застој.
Ја информираме јавноста, дека медицинскиот персонал кој работи на Одделението за интензивна нега и терапија на ГАК на секои две години во склоп на Обуката за реанимација им се врши обука и за справување со несакани случувања како што е закажување на техниката од било која причина.
Токму затоа упатуваме смирувачка порака до сите родители и идни родители дека простор за загриженост нема во ниту еден миг за здравјето на нивните деца или другите пациенти кои се хоспитализирани на клиниката.
На интензивната нега во моментов престојуваат 48 новородени за кои се грижи максимално професионален и посветен персонал, додека пак во засегнатата просторија во моментот имало 6 новороденчиња. Персоналот е 24 часа присутен помеѓу овие дечиња и простор за вознемиреност нема,“ се вели во соопштението на ГАК кое го пренесуваме во целост.