„Газпром“ ја стопираше испораката со гас за Бугарија и Полска

Руски „Газпром“ целосно ја прекинал испораката на гас и за Бугарија, но и за Полска, откако двете земји одбија да почнат да плаќаат во рубљи. И двете држави соопштија дека добиле официјални известувања од рускиот снабдувач на гас дека испораките ќе прекинат.

Најавата на руската компанија доаѓа по конфузијата која настана рано утринава кога информациите говореа дека испораката на гас до Полска преку Белорусија привремено е прекината, а потоа истата продолжила.

Бугарскиот министер за енергетика Александар Николов утрово изјави дека се проверува дали има вистински прекин на испораката на руски гас.

Енергетскиот експерт – Васко Начев изјави дека „Газпром“ наскоро ќе продолжи со испораките на Бугарија. Според него, несериозно е да се размислува за опција со која Бугарија треба да го прекине транзитот преку Турскиот поток кон Србија и Унгарија.

Начев е дециден дека Бугарија може да поднесе тужба до Меѓународната арбитража за прекин на испораката на гас и дека би го добила случајот. Тој го опиша однесувањето на Русија како обид за соборување на бугарската влада.

Васко Начев смета дека оваа одлука на Газпром има „политичка конотација и е обид за сопнување на власта во Бугарија”.