Најверојатно во четврток претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова ќе му го додели мандатот за формирање нова влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски – објави државната МИА.
Рокот за доставување на мандатот завршува на 7 јуни во петок, откога почнува да течат дваесетте дена за формирање влада.
Сиљановска Давкова денеска за медиумите изјави дека можно е и порано да го додели мандатот за формирање нова влада.
– Можно е и порано да се додели мандатот. Се зависи од ситуацијата. Уставот вели 10 дена и потоа 20 дена за да се состави владата. Јас ќе ги проучам термините, рече Сиљановска Давкова.
Според информациите, ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ се уште разговараат за формирањето нова влада, иако поделбата на ресори веќе е објавена, а неофицијално се споменуваат и имињата на новите министри.
Сепак, засега се уште нема официјална информација кога ќе биде финализиран конечниот договор за формирање влада.
Во Собранието се прават подготовки за измени на новиот Закон за организација на работата на органите на државната управа и според него да се изгласа новата реорганизирана влада и да бидат избрани нејзините членови. Имајќи предвид дека измените треба да го минат собранискиот филтер, денеска Комисијата за прашања на изборите и именувањата го изгласа составот на Комисијата за политилки систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно – правната комисија.
По вчерашната прва координација на претседателот на Собранието Африм Гаши со координаторите на пратеничките групи, неговиот Кабинет соопшти дека до крајот на работната недела би можело да се очекува да биде свикана седница за верификација на уште преостанатите два пратенички мандати.