Во понеделник би можело да се знае кога ќе биде дебатата за францускиот предлог во македонското Собрание. На редовната понеделничка координација во Собранието треба да се разговара за тоа кога би можела да се одржи пленарната седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европска Унија. Неизвесно е присуството на координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој побара Информацијата да и биде вратена на Владата бидејќи ги нема главните документи. Во однос на францускиот предлог вчера со став излегоа и Европската комисија и САД.
Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека за тоа кога ќе биде закажана седницата на чиј дневен ред би била Информацијата ќе се разговара на координацијата в понеделник на која како владин претставник ќе присуствува вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.
-Во понеделник имаме координација на која ќе присуствува и владиниот претставник и ќе разговараме. Ќе се направи проценка. Материјалот е дојден во Собранието, но во понеделник треба да почне седницата за ребалансот на Буџетот, изјави Џафери.
Појасни дека за понеделник е закажана пленарната седница за ребалансот на Буџетот, која е согласно роковите и за која дебатата треба да трае најмногу пет дена, но доколку има потреба ќе биде прекината и ќе биде закажана нова седница на која на дневен ред би била Информацијата испратена од Владата.
Имајќи предвид дека до Собранието беше испратена само Информација, а не и документите односно францускиот предлог, Џафери вели дека сите документи се веќе јавно достапни и секој може да ги види.