
Претседателката на Косово Вјоса Османи, рече дека еден од најдобрите начини да се распишат вонредни избори во општините на северот на Косово е да се потпише петиција од 20 отсто од гласачите од секоја од тие општини.
„Мислам дека ова создава законска обврска за институциите, но покажуваме и политичка волја за такво нешто“, изјави Османи за РТК.
Според неа, ова го отвора патот за „демократско учество на косовските Срби“ на изборите.
„Ова го гледам како најитното прашање и во исто време треба да се направат напори на косовската полиција за владеење на правото на северот, а особено за казнување на лицата кои учествуваа во насилството врз КФОР, полицајците и новинарите“ рече Османи, кој учествуваше на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Подгорица.
Зборувајќи за можните казнени мерки на Европската унија, во случај Приштина да не преземе чекори за деескалација, таа рече дека се прават напори таквите мерки да се избегнат.
На почетокот на јуни, Османи за Ројтерс изјави дека може да се распишат вонредни локални избори на север, но дека е неопходно прво 20 отсто од запишаните во избирачкиот список да побараат такво нешто со потпишување на петиција.
Таа тогаш оцени дека тоа е „најдемократскиот начин“ за распишување избори.
„На овој начин мислам дека гарантираме учество на Србите, бидејќи барањето би требало да дојде од нив, од граѓаните“, изјави тогаш Османи.