
Вјоса Османи и ги предаде претседателските овластувања на претседателката на Парламентот на Косово, Албулена Хаџиу
Претседателката на Косово во заминување, Вјоса Османи, денеска и ги предаде претседателските овластувања на претседателката на Парламентот, Албулена Хаџиу.
Претседателката на Косово во заминување, Вјоса Османи, денеска и ги предаде претседателските овластувања на претседателката на Парламентот, Албулена Хаџиу.
На церемонијата во Претседателството на Косово, Османи изјави дека зад себе остава „извонредни дела“ и дека е среќна што жена ќе ја преземе оваа функција до изборот на нов претседател.
– Секогаш ми беше една од големите желби кога ќе ја напуштам оваа функција, да оставам жена зад себе. Оваа желба се исполнува денеска и искрено се надевам дека и вие ќе оставите жена на оваа позиција зад себе. Со целосна доверба дека жените секогаш покажуваат посебна грижа кон институциите и кон секој граѓанин на Републиката, рече Османи.
Таа ѝ посака на Хаџиу многу успех во периодот во кој ќе ја извршува функцијата в.д. претседател на Косово.
Османи изрази желба Парламентот што е можно поскоро да избере нов претседател.
Хаџиу изјави дека за време на извршувањето на нејзините должности како претседател, ќе постапува во согласност со Уставот и законите, нагласувајќи дека ја разбира одговорноста и уставните обврски што ги презела.
Таа ѝ се заблагодари на претседателката во заминување Вјоса Османи за нејзината посветеност во служењето на Косово.
Хаџиу нагласи дека Уставот не ѝ дозволува да остане на позицијата вршител на должноста претседател повеќе од шест месеци и изрази надеж дека Парламентот ќе избере нов претседател што е можно побрзо, нагласувајќи дека новите избори не се добри ниту за граѓаните ниту за државата.
Таа ги повика пратениците да најдат решение за идниот претседател, оставајќи ги настрана политичките разлики и несогласувања.
Вјоса Османи беше шестиот претседател на Косово по 1999 година, а функцијата претседател ја презеде на 4 април 2021 година.