Вјоса Османи за антиалбанските скандирања: Косово ќе го брани достоинството на Албанците, каде и да живеат

Претседателката на Косово побара од Македонија да преземе мерки и да ги казни оние што поттикнуваат омраза – иако такви мерки веќе се преземени и реагираа сите политички фактори во земјата.

Косовската претседателка Вјоса Османи и пратениците од партиите што беа во опозиција минатиот мандат остро реагираа на антиалбанските скандирања за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Северна Македонија и Романија, што се одржа во Куманово на 2 август. Османи изјави дека антиалбанските скандирања што се слушаат во Куманово се неприфатливи и „го нарушуваат духот на соживотот и меѓусебното почитување“.

„Албанците се автохтоно население во своја земја и заслужуваат да бидат третирани со достоинство и еднаквост, исто како и секоја друга заедница“, рече Османи.

Претседателката на Косово побара од Македонија да преземе мерки и да ги казни оние што поттикнуваат омраза – иако такви мерки веќе се преземени и реагираа сите политички фактори во земјата.

„Ги повикуваме институциите на Северна Македонија да преземат итни мерки против организаторите на овие повици, оние што се одговорни и оние што поттикнуваат и шират омраза, осудувајќи секаков облик на говор на омраза, бранејќи ги принципите на соживот и толеранција, како основни вредности на држава што се стреми кон интеграција во ЕУ“, рече Османи.

„Уште позагрижувачки е фактот што највисоките државни функционери во Македонија не реагираа на овој со омраза и исклучив јазик, оставајќи простор за реторика што ја поткопува меѓуетничката толеранција и хармонија што земјата се стреми да ја изгради на својот пат кон европското семејство.“

„Косово цврсто ќе го брани достоинството на Албанците, каде и да живеат“, додаде таа.

Еден ден претходно, Артан Бехрами од Демократската партија на Косово ја критикуваше неактивноста на вршителот на должноста премиер, Албин Курти, вршителот на должноста министер за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала, но и претседателот.

„Христијан Мицкоски стана премиер на Северна Македонија со благослов и глас што Албин Курти му го донесе директно преку коалицијата ВЛЕН“, напиша Бехрами на Фејсбук, додавајќи дека „молчењето на Курти е повеќе од рамнодушност – тоа е политичко и морално соучество“.