Вјоса Османи – претседателката на Косово рече дека претседателот на Србија – Александар Вучиќ, со неговата реторика, не се разликува од неговиот претходник на чело на српската држава, Слободан Милошевиќ.
Според неа, потврда дека Вучиќ не се разликува од Милошевиќ е речникот со кој се послужи актуелниот српски претседател за да ги опише косовскиот премиер – Албин Курти и претседателот на Црна Гора – Мило Ѓукановиќ.
Запрашана да ја коментира изјавата на Вучиќ дека тој е „осамен волк“, додека „Курти и Ѓукановиќ се хиени… кои ја мразат Србија“, Османи рече дека и не очекува нешто друго „од човек кој продолжува да го поддржува Милошевиќ“.
„Не треба да не изненадува јазикот на министерот на Милошевиќ. Вучиќ беше министер за пропаганда во војните во поранешна Југославија предизвикани од неговиот тогашен шеф и сега,во 2022 година, ја повторува истата логика од минатиот век“ – изјави Османи.
Косовската претседателка напомена дека Вучиќ „сé уште не осудил ниедно од злосторствата на режимот на Милошевиќ, туку напротив, продолжува да ги глорифицира и оправдува злосторствата извршени во Косово“.