Српскиот претседател Александар Вучиќ ја повика Грција да се воздржи за време на гласањето за резолуцијата за геноцид во Сребреница во Генералното собрание на Обединетите нации.
– Се појави веста како да е сигурно дека Грција ќе гласа за резолуцијата. Јас не верувам во тоа, верувам во нашите грчки пријатели и во нашите браќа Грци и во многу други дека со својот глас ќе покажат колку ги почитуваат нивните српски пријатели и ги повикувам да бидат воздржани, бидејќи знам дека не можат да бидат против тоа, кажа Вучиќ во видеото објавено на неговиот Инстаграм профил.
Вучиќ додаде и дека е свесен оти многу српски пријатели се „под голем притисок“.
Ги повикувам сите наши пријатели ширум светот уште еднаш да го кренат својот глас во одбрана на слободољубивите мали народи кои немаат поголема заштита од Генералното собрание на ОН, рече Вучиќ.
Тој претходно изјави дека верува оти Кина ќе гласа против резолуцијата за Сребреница во ОН.
Утре Генералното собрание на ОН треба да гласа за предложената резолуција за геноцид во Сребреница.