Српскиот претседател Александар Вучиќ се предомисли. Отпатува во Брисел, но на средба со шефот на европската дипломатија Жозеф Борел, а не и со косовскиот премиер Албин Курти.
Вучиќ во утринското гостување на РТС истакна дека разговор со Курти нема никава смисла, а на состанокот со Борел ќе повтори дека косовските Срби се наоѓаат во тешка ситуација, и ќе му предаде извештај за здравствената состојба на уапсените Срби на Косово.
Борел ги покани Вучиќ и Курти на итен состанок во Брисел за да се најде решение за излез од најновата криза. Како што Борел објави на Твитер, потребна е итна деескалација и нови избори на северот на Косово, со учество на припадници на српската заедница.
Синоќа косовскиот премиер потврди дека ќе учестува на денешниот состанок што го свика шефот на европската диплоамтија.
Ситуацијата на Косово е тензична по бојкотот на Србите на вонредните локални избори на 23 април, а ескалира на 26 мај кога новите градоначалници Албанци влегоа во општинските згради со асистенција на косовските специјалци и КФОР. Оттогаш Србите организираат протести пред општинските згради со барање градоначалниците и косовските специјалци да се повлечат од север и да се формира ЗСО.
Најтензично беше во Звечан, каде на 29 мај имаше конфликт меѓу демонстрантите и припадниците на КФОР, по што косовката полиција почна да апси Срби на Косово.
Српската полиција пак уапси тројца косовски специјалци, како што е официјално соопштено на територијата на Србија.