Вечерва во Генералниот секретаријат на претседателот на Србија се одржа седница на Советот за национална безбедност со која претседаваше претседателот Александар Вучиќ, јави порталот Новости. По седницата, Вучиќ и се обрати на јавноста.
Откако обвини за „директни фалсификати, голи лаги за состојбите на теренот“, каде што, како што фрече, „имаме тешка борба на еден народ за опстанок на своите огништа“, Вучиќ нагласи дека „косовската полиција“ нема право да биде на северот на Косово.
„Денеска извршија инвазија со специјални единици. Меѓународната заедница се прави дека не го видела“ – рече тој.
Претседателот посочи дека станува збор за „завршување на српскиот проблем на Косово и Метохија“ и обвини дел од меѓународната заедница за учество во него. Tој вели дека никој од Белград не ги наредил барикадите и дека за тоа никој не може да ја обвини Србија.
„За нас е важно да ги поканиме и Албанците и Србите да го зачуваат мирот, да ја смириме ситуацијата. Ги повикувам Србите на северот на Косово и Метохија да не наседнуваат на провокации. Немаме индиции за напад на ЕУЛЕКС. Тоа не смее ни да се случи“ – изјави Вучиќ.
Тврдејќи дека ова за него е најтешкиот ден откако е претседател или премиер, а пред него е и најтешката ноќ, Вучиќ рече:
„Наша должност е да повикаме на мир и да ослободиме невин човек. Сега не смеат да го ослободат (Пантиќ), бидејќи е јасно дека го уапсија сосема невин. Што правеа на север? Според кој правен акт?“.
Вучиќ рече дека имаме информации од КФОР дека Албанците сепак нема да преземаат насилни акции против демонстрантите.
„Ги издадов најважните наредби и Советот за национална безбедност ги прифати. Горд сум на нашите војници и полицајци. Никогаш не сме имале такво расположение на луѓе да се стават на располагање на својата татковина. Горд сум на сите војници и полицајци. Пред да добијат каква било наредба, ние ќе се обидеме милион пати пред тоа да ги зачуваме мирот и безбедноста за сите наши граѓани“ – рече претседателот на Србија.
Додека не се докаже спротивното на терен, Србите во Косово мора да му веруваат на КФОР, додаде Вучиќ.