Вучиќ: Први во регионот имаме директни летови до Пекинг

Утринава по пауза од 4 години кинеската авиокомпанија „Хаинан ерлајнс“ ги обнови редовните директни летови на релацијата од Пекинг до Белград, а на слетувањето на првиот авион на аеродромот „Никола Тесла” присуствуваше и претседателот на Србија – Александар Вучиќ.

„Хаинан ерлајнс“ ќе лета меѓу главните градови на Кина и Србија засега само во сабота, поради ограничувањата за коронавирусот кои сè уште постојат во Кина.

Вучиќ истакна дека Србија е прва во регионот која има директен лет до Кина и најави дека од септември или октомври и „Ер Србија“ ќе воспостави летови и за Пекинг.

„Ова се големи работи, пристигна авионот на `Хаинан` А330 – 300, од септември или октомври авионот А330-200 на `Ер Србија` ќе биде малку помал, со 258 седишта. И ќе купиме уште еден А330 и можам да најавам уште една линија до Чикаго. Ќе ги поврземе Западот и Истокот и ќе летаме секаде и во регионот само од Белград. Очекуваме до крајот на годината да потпишеме договор за слободна трговија со Кина со што ќе се отвори простор за натамошно унапредување на соработката“ – рече Вучиќ.