Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска повторно се обрати до јавноста и најави нови мерки за контрола на оружјето и истакна дека тоа ќе биде речиси целосно разоружување на Србија, без разлика на тоа со кој ќе се замери поради тоа. Но, откри и дека побарал смртна казна.
„Утринава ѝ предложив на премиерката да ја вратиме смртната казна, но таа и владата се против, бидејќи ќе бидеме единствените во Европа, заедно со Белорусија, кои имаат смртна казна. И претпоставувам дека според некои прописи не го смееме тоа. И јас некогаш бев против смртната казна, но горко се каам затоа што имав таков став“, рече Вучиќ, кој неколкупати во текот на обраќањето ги нарече убијците монструми и им порача дека никогаш повторно нема да ја видат светлината на денот. „Нема да излезат од затвор“, додаде тој.
Во Србија максималната казна за тешко убиство според сегашните прописи е 40 години затвор.
„Ќе извршиме речиси целосно разоружување на Србија, а казните за нелегално поседување оружје ќе бидат големи, речиси ќе ги удвоиме“, рече Вучиќ.
Мерките вклучуваат проверка на сопствениците на оружје, дозволи за поседување, носење и видови оружје.
„Сите што имаат оружје, не зборувам за ловечко оружје, тоа се околу 400.000 луѓе – ќе се подложат на ревизија, нема да останат повеќе од 30 до 40.000 парчиња“, нагласи Вучиќ.
Ќе има шестмесечни и годишни проверки, заедно со психијатриски и психолошки прегледи, рече претседателот на Србија и како обврска најави воведување на тестирање на психоактивни супстанци за сопствениците на оружје.
Вучиќ изјави дека утринава ѝ предложил на владата да се врати смртната казна во законодавството, но дека биле против бидејќи Србија ќе биде една од ретките земји што ќе ја има оваа санкција во законодавството.