Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави во Брисел дека билатералната средба со претставниците на ЕУ, високиот комесар за надворешна политика и пратеникот за дијалог, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак била успешна, но дека трилатералната средба со косовскиот премиер Албин Курти не се одржала „бидејќи не смееше или не сакаше да се сретне“ со мене.
Тој по билатералните средби изјави дека верува оти добро ја завршил работата во текот на претпладнето, на средбите со европските претставници и дека разговорите со Борел и Лајчак биле коректни.
-Курти не сакаше или не смееше да се сретне со мене, но верувам дека тоа ќе го соопштат и Европејците. Се враќав три пати и ми ги покажуваа неговите пораки. Тој не сака да ме види, рече дека не е подготвен, тој рече дека главните преговарачи ќе продолжат. Дали не смееше или не сакаше, не знам, рече Вучиќ и додаде дека можел да се сретне со Борел и претходно без да мора да патува толку долг пат до Брисел.
Како што рече, со Борел и Лајчак разговарал за се, за ситуацијата на Косово.
-За спроведувањето на договорот, за дијалогот, ситуацијата. Главните преговарачи ќе продолжат во вторник или среда, рече Вучиќ и додаде дека тие се надеваат дека ќе го признаат Косово.
Тој додаде дека има уште работа, дека на директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, му претстои тешка работа.
-Тоа е тешка позиција за нас. Ќе продолжиме да се бориме и да ги штитиме интересите на Србите и да му помагаме на нашиот народ, рече Вучиќ.