Вучиќ: Никогаш не сакаа реално да ги согледаат проблемите на Србите

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа оцени дека со оставките на Србите во приштинските институции се случиле големи политички, речиси тектонски промени.

Вучиќ на прашањето дали е реална перцепцијата на јавноста кога се зборува за тоа дека ова е најтешката ситуација во историјата, рече дека не може да каже дека е лесен момент, но не е ниту прв, ниту последниот.

„Важно е да се однесуваме одговорно и сериозно. Сега човекот не знае што да објасни и на кој начин, да им каже на луѓето што се случило. Станува збор за големи политички, речиси тектонски промени. По 10 години Србите донесоа одлука да ги напуштат институциите на Приштина“ – објасни тој.

Тој посочи дека приказните дека тоа го прават по наредба на Белград, односно негова, се бесмислени и дека таквите приказни им одговараат само на некои луѓе на запад и во Приштина.

„Србите се соочуваат со она што го сакаат, како и какви се последиците“, нагласи тој.

Тој потсети и на политиката „стандарди пред статус“, по што, како што вели, следеле убиства на Срби, а потоа Албанците биле наградени од Западот со признавање на еднострано прогласената независност, пренесува „Вечерње новости“.

Вучиќ смета дека е лоша одлука преговорите со Приштина да се префрлат во ЕУ и дека тоа е „најголемата грешка што ја направи Србија“.

Претседателот на Србија рече и дека кога во август во Брисел се воделе преговорите за личните документи, европски и американски претставник побарале од него да се договорат тогаш, а тие се обврзале да го принудат Албин Курти да се откаже од пререгистрацијата на регистарските таблички.