Српскиот претседател Александар Вучиќ не сакаше да ги коментира наводите на дел од српските медиуми кои објавија дека би можел да поднесе оставка во следните два месеца.
„Не сакам да коментирам, особено не во овој момент. Ќе разговараме за тоа во наредните денови“, изјави Вучиќ за новинарите во Брисел, каде што учествуваше на самитот ЕУ-Западен Балкан. Според српски медиуми, Вучиќ најави обраќање до јавноста в сабота.
Тој додаде дека „не му паѓа на памет“ да ги коментира настаните на седницата на Ректоратот на Универзитетот во Белград, на која, според медиумите, не е прифатен вчера предлогот за генерален штрајк изнесен од студентите кои досега го блокираа факултетите во Србија со денови.
„Тие можат да прават што сакаат се додека не ја загрозуваат безбедноста на луѓето. За разлика од некои други земји, ние нема да го упаднеме универзитетот со полиција или други сили. Ја почитуваме автономијата на универзитетите“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека се исполнети сите барања од студентските блокади. Претседателот на Србија вели дека нема да дозволи формирање техничка или преодна влада, додавајќи дека тој е единствениот кој има уставно овластување да одлучува за тоа.
Вучиќ рече дека никој друг освен него не може да назначи мандатар за формирање влада.
„ Нема ништо техничка или преодна влада“, рече Вучиќ.