Вучиќ не верува дека ЕУ ќе го скрши отпорот на Бугарија кон С. Македонија и Албанија

Српскиот претседател – Александар Вучиќ рече дека се залага за територијалниот интегритет на Србија за прашањето за Косово, колку што западните претставници се залагаат за територијалниот интегритет на Украина. Тој вели дека не верува дека ЕУ ќе успее да го „скрши“ отпорот на Бугарија кон С. Македонија и Албанија.

Вучиќ вели дека на западните претставници им станале омилени зборовите – територијален интегритет, додавајќи дека и тој самиот повторува тоа што тие го кажуваат.

„Сиот жар со кој се залагаат за територијалниот интегритет на Украина и јас, дури и не со таков жар, туку со многу потивок глас, но со еднаква решителност, се залагам за територијалниот интегритет на Србија – и ништо повеќе и ништо помалку“ – рече Вучиќ.

Кажа дека од Олаф Шолц првпат слушнал дека се бара признавање на Косово, бидејќи во официјалната европска преговарачка рамка тоа го нема, туку само стои – целосна нормализација на Белград и Приштина, но никаде не се зборува за меѓусебно признавање.

„Наша работа е да се обидеме да преговараме за работи кои се нормални. Немаме проблем да преговараме за исчезнатите лица, рековме да ни покажат каде мислат дека има некој сохранет од Албанците, а ние тоа исто го бараме и за Србите, да ни дозволат да ги пребараме локациите за кои има сомнеж дека има закопано Срби. Подготвени сме да го потпишеме договорот за исчезнатите, знаеме дека мора да живееме еден до друг“ – рече Вучиќ.