Вучиќ: Нема да може Бугарија така лесно да го запре увозот на гас преку Турски тек

Српскиот претседател – Александар Вучиќ изјави дека не е сигурен оти на Бугарија ќе и биде лесно да го запре увозот на гас преку гасоводот Турски тек.

„Бугарија кажа дека ќе го прекине својот увоз на гас, не сум сигурен дека тоа е толку лесно. Ние велиме дека го сакаме рускиот гас од Турски тек, вие нас пуштете не до нашиот гасовод, ние тоа го плаќаме, а што е тоа што сакате, тоа е ваша работа, ние немаме проблем“ – изјави Вучиќ.

Поради војната во Украина, Бугарија наводно нема да го обнови договорот за снабдување со природен гас со руски Гаспром. Се разгледуваат алтернативни испораки и иден заеднички договор со ЕУ за да се избегне недостатокот на овој извор на енергија, изјави вчера бугарскиот вицепремиер – Асен Васиљев.

Вучиќ истакна дека за Србија е добро ако може да има „некој друг гас“. Според него, сега тешко е со некого да се разговара рационално, бидејќи „кога ќе почне хистеријата низ целиот свет, тоа е невозможно, па подобро е кога ќе помине малку време да видиме како ќе правиме“.

„Доаѓаат летните месеци кога потрошувачката е помала, па полесно ќе преживееме. Германците се подготвуваат за зима, па и Србија мора да почне да се подготвува за зима од 1 мај. Очигледно, сите заедно ги чека тешка и напорна зима“ – порача Вучиќ.