Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека „уште утре“ се очекуваат нови оставки во врска со несреќата во Нови Сад, кога при пад на бетонска настрешница на Железничката станица загинаа 15 лица.
„Утре очекувам нови оставки во владата и на други места и сигурен сум дека надлежното обвинителство во најбрз можен рок ќе преземе мерки“, нагласи Вучиќ.
Вучиќ изрази сочувство до семејствата на жртвите и рече дека „државата ќе помогне максимално“.
„Сакам да им порачам на луѓето во Србија дека одговорноста не може да се избегне. Некогаш носиш политичка одговорност и кога си целосно невин и кога се ти се случува случајно, но мора да има значителна одговорност во кривичното право, затоа што 15 луѓе не загинале по своја вина, туку затоа што некој не си ја завршил работата доволно добро“, рече тој.