
Вучиќ: Намалување на трговските маржи за околу 3.000 производи
Маржите, додава тој, ќе бидат максимум 20 проценти, а во моментов најголемите синџири имаат трговска маржа од околу 45,2 проценти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес објави дека маржите во продавниците ќе бидат ограничени, што ќе доведе до намалување на цените за околу 3.000 производи. Маржите, рече тој, ќе бидат ограничени на 20 проценти и ќе важат за 24 малопродажни синџири.
Во наредниот период ќе донесеме закон за трговија, ќе донесеме закон за заштита на потрошувачите, каде што ќе мора да имате истакнати ценовници, нема да има измами со таканаречени промоции. А до крајот на годината ќе донесеме и закон за спречување на нефер трговски практики, каде што ќе им помагаме на домашните бизнисмени, на нашите добавувачи“, рече Вучиќ на прес-конференција во Белград.
Вучиќ објави дека регулативата за ограничувања на маржите ќе стапи на сила „следната недела“.
„Се обидуваме да постигнеме ограничување на маржата што ќе придонесе за големо намалување на цените, вклучени се околу 3.000 производи. За да се види зошто ЕУ има повисок стандард – од 13 до 15 проценти оди во просечната потрошувачка кошничка, толку оди за храна. Во нашиот случај, оди помеѓу 40,6 и 47,8 проценти, во минималната потрошувачка кошничка, толку оди за храна и потоа на луѓето им остануваат малку пари за други потреби“, рече Вучиќ.
Најави намалување на маржите од 23 групи производи.
„Хемикалии за домаќинството – креми, сапун, паста за заби, хемикалии за домаќинството – детергенти, детергент за перење алишта… Потоа ги имате таканаречените хартиени производи – салфетки, фолија, пелени за бебиња и возрасни. Имате ориз, мешунки, безалкохолни пијалоци, солени кондиторски производи – чипс, грицки, стапчиња за леб. Имате зеленчук и овошје, замрзнати производи, потоа оцет, тестенини како посебна категорија, млечни производи, јајца…“, рече тој.
Маржите, додава тој, ќе бидат максимум 20 проценти, а во моментов најголемите синџири имаат трговска маржа од околу 45,2 проценти.
„Четирите најголеми синџири – Делхајзе, Меркатор, Лидл, Универекспорт генерираат 51 процент од трговијата“, рече тој.
Вучиќ рече дека мерката за намалување на трговските маржи опфаќа 24 трговци на мало, додека продавниците во селата не се вклучени за да можат да работат во оваа конкуренција.