Вучиќ: Македонски државјанин е еден од загинатите во несреќата во Нови Сад

Според информациите до кои дојде „360 степени“, српските власти веќе ги имаат информирано своите колеги од Северна Македонија за кое лице станува збор, како и за неговата возраст

Еден македонски државјанин е загинат при уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, рече вечерва во обраќање пред јавноста српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Сѐ уште не успеавме да го дознаеме идентитетот на пет лица, осум лица се државјани на Србија, едно е од Македонија“, рече Вучиќ.

Според информациите до кои дојде „360 степени“, српските власти веќе ги имаат информирано своите колеги од Северна Македонија за кое лице станува збор, како и за неговата возраст.

Претходно, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад информира дека од 14 лица што се извлечени од под урнатините на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, досега идентификувани се седуммина.

Според информациите од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, идентификувани се две женски лица А. Р. (2004) и А. Ќ. S. (1989) и пет машки лица H. S. (1997), M. M. (2003), Ш. Ѓ. (1947), Р. В. (1955) и С. В.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, соопшти дека меѓу загинатите во уривањето на настрешницата во Нови Сад има и шестгодишно дете

Поради здобиените повреди во Клиничкиот центар во Војводина се примени три лица чиј идентитет сѐ уште не е утврден, две жени и еден маж.